Селекторот на Италија, Антонио Конте ќе има големи проблеми во средниот ред пред дуелот со германската репрезентација во 1/4 финалето на ЕВРО 2016 во Франција.
Тијаго Мота против Шпанија заработи жолт картон и сам се исклучи од следната фаза на натпреварувањето.
Тој на теренот го замени Даниеле Де Роси, кој според последните информации ќе го пропушти дуелот против Германија.
Во прашање е повреда, а Де Роси го пропушти и тренингот на италијанската репрезентација.
Тоа на Конте му остава многу малку опции за средниот ред, Пароло и Џакерини повторно ќе играат во средина, а големо е прашањето кој ќе игра веднаш зад нив.
Од останатите играчи таа позиција ја покрива само Стефано Стураро, а како последен играч за врска би се снашол и Алесандро Флоренци.
Против германците Конте ќе има значително ослабен состав, а во стартните 11 треба да се очекува или Стураро или Матео Дармијан, а од порано е повреден и Антонио Кандрева.
Натпреварот Германија-Италија се игра утре од 21 часот.