РК Металург и следната сезона ќе биде дел од ЛШ!

Македонскиот ракометен вицешампион Металург повторно ќе биде дел од Лигата на шампиони, откако доби вајлд карта од ЕХФ.

metalurg rk

Во која група и со кого ќе игра Металург ќе се знае на 1 јули кога ќе се извлекува ждрепката за групната фаза.

Металург ќе биде дел од групите Ц и Д, а потенцијални противници се пет од следните единаесет екипи: Бешикташ (Турција), Динамо Букурешт (Романија), Мотор (Украина), Чеховски медведи (Русија), Елверум (Норвешка), Холтесбро (Данска), Нант (Франција), Монпелје (Франција) и Ла Риоха (Шпанија).

Воедно, во овие групи ќе влезат уште две екипи кои своето место во ЛШ ќе обезбедат преку квалификации.

Сега пред тимот од Автокоманда останува да состави тим кој достојно ќе се претстави на европска сцена.

Вајлд-картата претставува континуитет на учество на Металург во најелитното европско натпреварување, каде игра повеќе години и квалитетно претставување на Македонија на меѓународната сцена.

ЕХФ ја следи и ја почитува работата на Металург, а вајлд-картата е потврда дека тимот и покрај сите турбуленции во кои беше втурнат во изминатиот период, има јасна намера да направи тим за иднината.

Металург ќе продолжи да оди по зацртаните патеки, и зацртаната политика, а Скопје повторно ќе ужива во најдобриот европски ракомет.

Шампионот Вардар ќе биде дел од елитните групи А и Б.