Одбојкарите на Франција се новите владетели на европската одбојка откако во финалето ја победија Словенија со 3-0 во сетови на шампионатот што се одржуваше во Бугарија во изминатите десетина дена.
Французите на овој начин само потврдија дека моментно се најдобра репрезентација откако пред неколку месеци се закитија и со трофејот во Светската лига.
Словенија, која пред неколку месеци во финалето од Европската лига ја совлада Македонија, беше најпријатно изненадување на овој шампионат откако на патот до големото финале ги совлада светскиот првак Полска и Италија, а против Франција немаа сили за ново чудо.
Франција го доби првиот сет со убедливи 25-19, а Словенија својата шанса ја пропушти во вториот сет, кога прокоцка предност од 24-21, за да го загуби сетот со 27-29, а голема битка се водеше и во третиот сет, што Французите исто така го добија со 29-27 и со 3-0 се закитија со европскиот трофеј.
Бронзениот медал или третото место го освоија Италијанците, кои во малото финале го победија домаќинот Бугарија со 3-1 во сетови.