По дебаклот, Македонија ќе игра претквалификации за СП 2019!

Македонската кошаркарска репрезентација по дебаклот во квалификациите за Евробаскет 2017, сепак нема да се пресели во Б дивизијата.

fiba

Македонија преку претквалификации ќе се обиде да обезбеди опстанок во елитата.

Тоа воедно би значело и учество на „црвено-жолтите“ во квалификациите за претстојното Светско Првенство 2019 година.

Со свое соопштение се јави Светската Кошаркарска Федерација ФИБА, обелоденувајќи дека во август 2017 година ќе организира претквалификации за оние селекции кои не обезбедија учество на претстојното Европско Првенство.

„16 национални тимови кои не се пласираа на Евробаскет 2017 ќе имаат право да учествуваат во претквалификациската рунда што ќе се одржи следното лето.

,,Осум селекции потоа ќе се пласираат во А дивизијата за квалификациите на ФИБА Светското Првенство во 2019 година“ – се вели во информацијата на ФИБА.

фиба1

Тие квалификации ќе се одржат во периодот од 2 до 19 август, а осумте најдобри селекции исто така ќе учествуваат и во квалификациите за Евробаскет 2021.

Македонија за противници во овие претквалификации ќе има селекции како Швајцарија, Кипар, Холандија, Австрија, Данска, БиХ, Шведска, Естонија, Белорусија, Португалија, Бугарија, Косово, Словачка, Албанија и Луксембург.

Дел од ривалите во ова „друштво“ воопшто не се наивни, но во ситуација кога половина од овие 16 селекции ќе опстанат во елитното друштво јасно е дека шансите на нашиот национален тим воопшто не се мали.