ЕП во фудбал 2016 во Франција го доби првиот финалист.
Тоа е репрезентацијата на Португалија која по 2004 година повторно ќе игра финале на едно европско првенство.
Португалците го победија Велс со 2-0 и стигнаа до првата победа на ова ЕП во регуларните 90 минути.
Претходно имаа три реми завршници во групната фаза, продолжение против Хрватска и пенали против Полска.
Се беше решено за само 3 минути во второто полувреме. Првиот гол му припадна на асот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо во 50-та минута, а потоа Нани одлично ја следеше акцијата и по шутот на Роналдо ја “собра” топката и поентираше за 2:0 во 53-та минута.
Португалија по втор пат во историјата доби можност да се бори за титулата Европски шампион. Тоа за прв пат го направија во 2004-та година, кога Грција беше поуспешна и ги победи со 1:0.
Велшаните и покрај поразот можат достоинствено да се вратат дома, бидејќи ова за нив беше неверојатен успех во дебитантскиот настап на Европските првенства, а со самиот пласман меѓу четирите најдобри тие ги надминаа очекувањата на многумина.
Роналдо додаде уште еден рекорд, кој би можел дополнително да го надмине во финалето.
Имено, ова беше деветтиот гол за Роналдо на Европските првенства, со што се изедначи со Мишел Платини.
Вечерва се игра и второто полуфинале каде се среќаваат домаќинот Франција и светскиот шампион Германија по што ќе биде познато кој ќе игра во финалето кое на програмата е в недела на 10 јули.