Македонија лесен залак за Шпанија, висок пораз од 94-63!

Loading

Македонија претрпе пораз од Шпанија во првиот контролнен меч кој се одигра во Мадрид со 94-63.

espana1

Шпанците ќе бидат едни од главните фаворити за освојување на златниот медал на престојниот Евробаскет 2015 што ќе се одржи во Франција.

Македонските кошаркари против Шпанија го запишаа третиот последовен пораз во подготвителниот циклус, претходно на турнирот во Литванија загубија од домаќинот со 68-62 и од селекцијата на Турција со 85-68, а стартот на подготовките ги започнавме со серија од четири победи.

На мечот со Шпанија мала неизвесност имаше само во почетните четири минути кога со поените на браќата Стојановски и тројката на Трајковски Македонија поведе со 7:2.

Шпанија потоа возврати со една страшна серија во наредните пет минути од 24:0 со која и го реши победникот на овој меч, а серијата на Шпанците ја прекинаа Хендрикс и Илиевски и на одмор заминаа со двојно повеќе постигнати поени од противникот 52:26.

espana11

Еден добар период во играта Македонија имаше во првите шест минути од третата четвртина, кога избраниците на селекторот Србиновски постигнаа 16, а примија 6 поени. Во таа серија Симоновски постигна две тројки во два напади.

Македонија успеа да намали на 58:42, но во финишот на четвртината Руди Фернандез и Миротиќ и обезбедија на Шпанија серија од 8:2 и водство по 30 минути од 69:48.

Последната четвртина донесе рамноправна игра, шпанскиот селектор на клупа ги стави главните ѕвезди, што и помогна на Македонија да ја одржува негативата од 18 до 20 поени.

Хендрикс со 14 поени и 9 скокови беше најефикасен кај Македонија, а покрај него двоцифрен број на поени постигна и Трајковски, вкупно 11. Војдан Стојановски и Самарџиски уфрлија по 8, а Симоновски и Дамјан Стојановски по 7 поени.

Кај Шпанија Руди Фернандез даде 14 поени, 12 постигна Гомез, а 10 Фелипе Рејес.

Македонија против Шпанија ќе одигра уште еден натпревар на 25-ти август.