Пензионираниот аргентински тенисер Хуан Мартин Дел Потро, некогаш третиот тенисер во светот, уште еднаш навести дека може да му се врати на белиот спорт.
Неколку месеци откако даде индикација дека може да игра на УС Опен, тенисерот од Тандил повторно проговори во ист стил.
Дел Потро во една ТВ емисија изјави дека има голема желба да игра на турнирот што го освои во 2009 година кога го прекина маршот на Роџер Федерер по петте последователни трофеи на Швајцарецот во Њујорк.
,,Како што кажав, ќе се обидам да играм на УС Опен. Мојот тенис нема да биде проблем, но моето колено дефинитивно ќе биде проблем. УС Опен е нешто посебно за мене, ќе дадам се од себе да бидам подготвен. Имам многу време, ќе почнам да тренирам и ќе видиме како ногата ќе реагира на се – изјави Дел Потро.
По неколку операции на коленото, Дел Потро неофицијално се пензионираше пред една година додека играше на турнир во Буенос Аирес.
Во декември, пред финалето на Светското првенство во Катар, вети дека ќе се врати на теренот доколку Аргентина ја освои титулата, што и се случи.
,,Лионел Меси и другите момци ме вратија на тенискиот терен. Сè уште ја чувствувам болката. Пред Светското првенство не ми паѓаше на памет да се обидам да играм, но сега многу размислувам за тоа – заклучи Дел Потро.