Каков дебакл на Серена: Халеп ја преслуша шампионката

Loading

Серена Вилијамс

Симона Халеп приреди огромно изненадување во второто коло од ВТА-шампионатот во Сингапур, нанесувајќи и убедлив пораз на бранителката на трофејот, Серена Вилијамс. Искусната Американка влезе во мечот како апсолутна фаворитка, без ниту еден претрпен пораз во досегашните дуели со Халеп, но Романката го одигра еден од најдобрите мечеви во својата кариера и ја демолираше прворангираната светска тенисерка со преубедливи 6-0, 6-2.

Првиот поен во мечот беше ас на Серена Вилијамс, но Американката потоа направи серија грешки со која ја зголеми самодовербата кај Халеп. Романската 23-годишна тенисерка одигра одлично, знаеше како да ги искористи можностите што и се укажаа и го доби првиот сет со максимални 6-0. Таа стигна до брејк на самиот почеток од вториот сет, што беше само најава дека нема намера да застане, па Халеп во голем стил го доврши мечот, стигнувајќи до најголемиот триумф во кариерата. Сепак, останува впечатокот дека главна причина за ваквиот исход на дуелот е очајното издание на Серена Вилијамс, која имаше дури 36 неизнудени грешки и седум двојни сервис грешки.

Ова е најголемиот меч во мојот живот, не можам да опишам со зборови како се чувствувам сега. Пресреќна сум, сакам само да уживам. Од почетокот на кариерата сонувам да славам над една од двете сестри Вилијамс, кои се уште играат на највисоко можно ниво. Навистина, Серена денеска немаше свој ден, но јас играв навистина добро и ја заслужив оваа победа“ – изјави Халеп по мечот.