Машката ракометна репрезентација на Македонија во Цеље против Словенија го одигра и вториот од вкупно четирите контролни натпревари во рамките на последната фаза од подготовките за претстојното Европското првенство што од 15 јануари започнува во Полска.
Според селекторот Ивица Обрван дуелите против Словенија на гостински терен се одлична можност да се провери моменталната подготвеност на ракометарите, а воедно да се почувствува барем делумно и притисокот од настап на гостински терен.
Па така по првото реми, Словенија и Македонија и во вториот контролен натпревар одиграа нерешено сега во Цеље со 23:23.
Македонската репрезентација во 52. минута имаше три голови предност 23:20, но до крајот Словенија успеа да стигне до израмнување, иако последниот удар од 9 метри на Бомбач, голманот на Македонија Никола Митревски го одбрани.
Во 56. минута при гол предност за Македонија Борко Ристовски успеа да одбрани пенал. Најефикасен на дуелот беше Кирил Лазаров со 7 голови.
Македонската репрезентација се враќа во Скопје и по двата слободни дена новиот собир ќе биде на 8. јануари, а следните два контролни натпревара ги игра со Црна Гора во Скопје на 10. и 11. јануари.