Билетите за Суперкупот на УЕФА што ова лето на 8 август ќе се игра во Скопје ќе можат да се набават единствено преку официјалниот веб портал на УЕФА или uefa.com.
Се очекува во наредните денови УЕФА да објави дополнителни информации поврзани со процедурата за продажбата на картите.
Пријавувањето треба да биде во периодот помеѓу 13 јуни и 4 јули, додека добитниците на влезници потоа ќе бидат одредени преку лотарија, бидејќи се очекува голем интерес за следењето на дуелот помеѓу европскиот првак Реал Мадрид и освојувачот на Лига Европа, Манчестер јунајтед или дуелот на тренерот и учителот Мурињо и Зидан.
Интересот во Македонија е навистина голем, судејќи според бројните прашања на љубителите на фудбалот поврзани со набавката на билети, чии цени ќе се движат од 15 до 40 евра, според досегашните најави.
Но веќе се појавија повеќе сајтови кои нудат влезници за Супекупот, за кои цената е и десеткратно повисока од официјалната, но веројатно станува збор за измама на која љубителите на фудбалот не треба да наседнуваат, според општите препораки.
УЕФА треба допрва да го соопшти капацитетот на националната арена „Филип Втори“, односно колку билети ќе бидат наменети за неутралната публика, а колку ќе добијат навивачите на Реал и Манчестер.
Се очекува вкупниот капацитет на стадионот од 33.400 места, да биде намален поради безбедносни причини, додека навивачите на Реал и на Манчестер јунајтед веројатно ќе добијат, вкупно, околу 10 илјади билети.
Еден дел од влезниците ќе им биде доделен на гостите и спонзорите на УЕФА.
На овој линк на 13 Јуни ќе можете да аплицирате за билети за мегаспектаклот во Скопје помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед…