Кошаркарите на Оклахома Сити се на чекор од големото финале на НБА лигата.
Во четвртиот натпревар кои го одиграа пред домашната публика го декласираа шампионот Голден Стејт со 118-94 и поведоа со 3-1 во победи во финалето на западот.
За пласман во финалето на Оклахома и е потребна уште една победа против актуелните шампиони, кои сезонава го срушија рекордот во регуларниот дел од сезоната со 73 победи и 9 порази.
Кошаркарите на Голден Стејт прв пат сезонава загубија два натпревари по ред, а прв пат по 1972 година загубија две средби во плејофот со повеќе од 20 кошеви разлика.
Четвртиот меч Оклахома го реши уште во првото полувреме кога направи предност од 19 поени.
Оклахома стана првиот тим, по ЛА Лејкерс во 1987 година, кој во две последовни средби до полувремето постигнал 72 или повеќе поени. Расел Вестбрук го предводеше тимот со 18-от „трипл дабл“ во кариерата 36 поени, 11 скокови, 11 асистенции. Дурент даде 26 поени, 11 скокови, Роберсон 17 поени, 12 скокови, Ибака 17, Адамс 11 и Вејтерс 10 поени.
Стеф Кари одигра уште еден лош натпревар постигна само 19 поени, двоцифрен број на поени: дадоа и Клеј Томпсон 26 и Харисон Барнс 11 поени.
Вечерва се игра 5-тиот дуел од финалето на источната конференција помеѓу Кливленд и Торонто, а резултатот во победи е 2-2.