Ракометна Македонија ќе игра на СП во ракомет што во јануари 2017 година ќе се одржи во Франција.
Тоа е епологот од синоќешниот реванш дуел против Чешка во баражот за пласман на ракометниот мундијал.
И покрај поразот во Злин од 6 гола разлика 28-22, македонските ракометари успеаа да се изборат за завршницата на СП следната година.
Притисокот беше голем, но избраниците на Лино Червар ја анулираа разликата од 6 гола на првата средба и со победа од 7 голови 34-27 да ја однесат Македонија до севкупна победа над Чешка.
Македонија уште по првото полувреме ја анулираше негативата и на одмор отидовме со 8 голови разлика 19-11.
Во второто полувреме во еден миг Македонија имаше и 11 голови предност, но до крајот резултатот постојано се нишаше на 8 и 9 гола.
Најдраматичен беше крајот од натпреварот, кога на минута ипол пред истекувањето на времето Чесите намалија и на седум разлика.
Дејан Манасков даде 11 гола, 8 постигна Кире Лазаров, а Филип Миркуловски се прости со 6 гола.
Ова беше фантастичен натпревар, со кој ветераните Наумче Мојсоски и Филип Миркуловски и официјално се простија од националниот дрес.
Светското првенство во Франција ќе се одржи од 11 до 29 јануари и ќе биде петто за Македонија, а вкупно деветти настап на големите собири и шести во континуитет од 2012 наваму.
Пласман на Светското во Франција изборија: Македонија, Белорусија, Шведска, Данска, Унгарија, Полска, Словенија и Русија.
Последниот бараж дуел се игра вечерва Португалија е домаќин на Исланд, а на првиот дуел Исланд победи со 26:23.
Браво момци уште еднаш ја направивте Македонија горда!