ЛШ: Сити со петарда во Букурешт, реми во Загреб и Амстердам

Во Лигата на шампионите синоќа започна битката за влез во групната фаза.

лига шампиони

Одиграни беа 5 средби синоќа каде до најубедлива победа стигна Манчестер Сити во Букурешт, со 5-0. Агуеро постигна три гола, а по еден Давид Силва и Нолито.

Победата на Сити можеше да биде уште поубедлива, но Агуеро во осмата и 20-та минута не реализираше пенали.

Блиску до пласман во фазата по групи е и Борусија Менхенгладбах која во Берн славеше над Јанг Бојс 3-1.

Рафаел постигна два гола, а еден Хан за германскиот тим, додека единствениот гол за швајцарскиот тим е дело на Сулејмани.

Копенхаген стекна минимална предност над АПОЕЛ пред реваншот на Кипар каде Павловиќ го постигна единствениот гол.

Без победник завршија мечевите Динамо Загреб-Салцбург и Ајакс-Ростов кои завршија со резултат 1-1.

Салцбург водеше во Загреб со голот на Лазаро, но Динамо израмни преку Рог, кој погоди од пенал.

Гостите водеа и во Амстердам, искусниот Нобоа му донесе предност на Ростов, која од пенал ја поништи Класен.

Денеска ќе се одиграат исто така 5 меча: Селтик-Хапоел, Дундлак-Легија Варшава, Порто-Рома, Лудогорец-Викторија Плзен и Виљареал-Монако.