Во Лигата на шампионите синоќа започна битката за влез во групната фаза.
Одиграни беа 5 средби синоќа каде до најубедлива победа стигна Манчестер Сити во Букурешт, со 5-0. Агуеро постигна три гола, а по еден Давид Силва и Нолито.
Победата на Сити можеше да биде уште поубедлива, но Агуеро во осмата и 20-та минута не реализираше пенали.
Блиску до пласман во фазата по групи е и Борусија Менхенгладбах која во Берн славеше над Јанг Бојс 3-1.
Рафаел постигна два гола, а еден Хан за германскиот тим, додека единствениот гол за швајцарскиот тим е дело на Сулејмани.
Копенхаген стекна минимална предност над АПОЕЛ пред реваншот на Кипар каде Павловиќ го постигна единствениот гол.
Без победник завршија мечевите Динамо Загреб-Салцбург и Ајакс-Ростов кои завршија со резултат 1-1.
Салцбург водеше во Загреб со голот на Лазаро, но Динамо израмни преку Рог, кој погоди од пенал.
Гостите водеа и во Амстердам, искусниот Нобоа му донесе предност на Ростов, која од пенал ја поништи Класен.
Денеска ќе се одиграат исто така 5 меча: Селтик-Хапоел, Дундлак-Легија Варшава, Порто-Рома, Лудогорец-Викторија Плзен и Виљареал-Монако.