Интервју со најдобриот македонски маратонски пливач – Евгениј Поп Ацев

Loading

Здраво Евгениј, најпрво сакаме да изразиме задоволство што одвои време да бидеш дел од нашиот медиум, а воедно и да ти честитаме за големиот успех прво место на грандпри серијата на фина во маратонско пливање минатата 2015 година и второ место оваа 2016 година!

поп ацев


На почеток би те прашал од која возраст почна да се занимаваш со пливање? И како, потоа се роди желбата да станеш маратонски пливач?

1. Почнав да се занимавам со пливање од моја 9 годишна возраст, најпрво тренирав за натпревари во базен, а потоа некаде по 17-18 години се преорентирав повеќе на маратонско пливање бидејќи го сакав но и поради тоа што подобар бев на подолгите патеки.


Како изгледа тренингот на еден врвен маратонски пливач?  Како изгледаат подготовките за пливачката сезона? Сигурно не е лесно да се препливаат 30 и повеќе километри.

2. Еден тренинг во базен трае отприлика два часа и е околу 7-8 километри, зависно од периодот и програмата се разликуваат тренинзите по интензитет и должина. Неделно имам 10 тренинзи и плус два тренинга во терертана и два трчање.


Кој е најтешкиот проблем што си го имал во текот на пливањето во твојата кариера? И како се справуваш во тие моменти?

3. Секогаш во спортот има проблеми од секаков вид, но најтешки се здравствените проблеми и најтешко се надминуваат. За разлика од другите проблеми кои се надминуваат со работа, здраствените се надминуваат со трпение. Имав пред 2-3 години здравствен проблем и морав да паузирам скоро пола година. Ми беше тешко да се вратам, но со трпение и позитивна мисла ми успеа.


Која трка ќе ти остане засекогаш во паметење?

4. Охридскиот маратон предходната 2015 година кога успеав да победам, но и овогодинешниот кога бев дисквалификубан во последните 300 метри. Така на истата трка го имам доживеано и еден од најубавите моменти, но и најтешкиот момент во моето натпреварување.


Дали во текот на сезоната има дружба меѓу пливачите? Имаш ли некоја интересна анегдота од твоите патувања по светот што би сакал да ја споделиш со нас?

5. Има многу дружба меѓу пливачите и сме развиле многу пријателства бидејќи многу често се гледаме низ годината на различни места во светот.


поп ацев1

2011 година стана официјално трет пливач во светот во маратонското пливање, успеа и да дипломираш на Стоматолошкиот факултет. Како успеваше овие години навремено да ги исполнуваш обврските на факултетот, а истовремено и да постигнуваш големи успеси на спортски план? Беше ли тешко сето тоа? Какви жртви мораше да направиш?

6. Во перидотот додека студирав ми беше доста тешко да стигнам да постигнам и на пливање и на факултет. Стоматолошкиот Факултет е еден од најтешките и бара доста време како на предавања и вежби така и за учење. Рано сабајле ќе изчезнев од дома за на тренинг од седум па после на факултет, па од факултет дирекно на базен и ќе се вратев дома по 8:30, хаха и плус време за учење. Но се е навика и добра организација на времето, важно е кои цели ќе си ги зададеш, ако си дадеш за цел и двете работи да ги постигнеш, ќе успееш во тоа.


Како се гледаш себе си? Како стоматолог кој се занимава со пливање или како пливач кој се занимава со стоматологија?

7. Тешко е тоа да се каже, дури студирав секако дека бев повеќе фокусиран на Стоматологијата, моментално повеќе сум на пливањето па би можело да секаже дека сум повеќе пливач, но во иднина планирам да се вратам на Стоматологијата и тоа да биде мојата професија.


Како помина изминатата сезона за тебе? Задоволен ли си со своите настапи и пласман?

8. Помина доста успешно за мене, имав добри настапи како на подолгите маратони во Гранд При така и на пократките кои се Олимписка дисциплина, секогаш може и подобро но во спортот не е секогаш како планирате и сакате. Генерално сум задоволен целите кои ги зацртав за годинава ги исполнив.


поп ацев2

Што понатаму? Кои се твоите планови за наредната година? Ќе продолжиш ли со настапите во ФИНА Гран-при серијата или ќе се посветиш повеќе на стоматологијата?

9. Планирам да продолжам со настапите во ФИНА серијата и други натпревари, но оваа година исто така треба да почнам и со Стоматологија барем на привремно време за почеток зависно од можностите.


За крај, што би им препорачал на нашите гледачи што сакаат да се занимаваат со спорт?

10.Благодарам многу, би им порачал да водат здрав живот и континуирано да се занимаваат со спорт низ целата година. Спортот без разлика дали е професионален или аматерски носи многу бенефити.


Ти посакуваме уште многу успеси и во иднина, како на спортски, така и на приватен или стоматолошки план. 

11. Благодарам многу!

поп ацев3