Федерер не заминува во пензија – Објави кога се враќа на терените!

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, кој не се натпреварува осум месеци поради проблеми со коленото, денеска во Ленцерхајд изјави дека се надева дека ќе се врати на теренот на крајот на ова лето.

„Добро сум, многу подобро. Два месеци бев на патерици, морав да почнам од нула. Но, тоа беше вистинската работа, коленото не беше добро по Вимблдон“, изјави Федерер за швајцарските медиуми во Ленцерхајд каде што присуствуваше на трката од Светскиот куп.за скијачи.

,,Сега полека доаѓам на сцената каде што можам да размислувам за враќање“, изјави поранешниот најдобар тенисер на светот.

Федерер, кој на 8 август ќе наполни 41 година, додаде дека ќе му треба повеќе време да размисли за враќање „на крајот на летото, на почетокот на есента“.

Освојувачот на 20 Грен слем титули нема играно од поразот во четвртфиналето на Вимблдон во јули 2021 година. Тој веќе две години се мачи со повреда на коленото, кое неколку пати го оперираше.

Швајцарецот одигра само 13 натпревари во 2021 година и шест во 2020 година, а моментално е на 27. место на АТП листата.