Неофицијално од Париз ни стигнува една сензационална вест кога станува збор за новиот фудбалски шампион на Франција!
Информацијата ја лансираше добро информираниот британски „Телеграф“ и многу брзо се прошири во Франција, а тоа е дека ниту Покетино, ниту Зидан, туку легендарниот Жозе Мурињо би можел да го преземе дрим тимот од Париз!
Мурињо оваа сезона ја предводеше Рома до титулата во Конференциската лига, а иако неговата тренерска репутација опадна во последните години, особено по заминувањето од Манчестер Јунајтед, Париз верува дека тој е вистинскиот избор.
Тие веруваат дека, како и Карло Анчелоти, кој во Реал Мадрид пристигна од Евертон, би можел да работи со тим полн со ѕвезди. Тој веќе покажа дека тоа може да го направи во Реал Мадрид, па останува да се види во кој правец ќе одат преговорите и дали ќе ја напушти Рома на самиот старт на проектот.
Веќе го „купи“ цел Рим со освојување на евро-трофејот, но ако го повика ПСЖ… Ќе остане ли таму?
Тој би имал можност да соработува со Меси, Мбапе, Нејмар, Донарума, Рамос и многу други светски ѕвезди од кои се очекува конечно да го освојат трофејот во Лигата на шампионите.
Никој од големите тренери кои го водеа ПСЖ претходните години (Покетино, Тухел, Емери, Анчелоти…) не успеа во тоа, а нема сомнеж дека доаѓањето на „Специјалниот“ во Париз би било сензација.
И тоа токму во моментот кога почна да се зборува дека Мурињо е веќе „поранешен тренер“ и дека не е за модерен фудбал.
Како ќе се одвиваат работите останува да видиме….