Формула 1 тимот на Мекларен-Хонда го претстави новиот болид со кој ќе се обиде да ги подобри резултатите и да го поправи впечатокот од минатата сезона во која на површина излегоа слабостите на моторот на јапонскиот производител.
Новиот Мекларен со име МП4-31 е подготвен, но никој од тимот, вклучувајќи ги и возачите Алонсо и Батон, не сакаа да преудицираат околу своите очекувања и амбиции во новата сезона.
Директорот Рон Денис потенцирал дека верува во успехот на партнерството меѓу Мекларен и Хонда, но без конкретни прогнози за 2016 година.
Новиот болид е еволутивна верзија на шасијата од минатата сезона, со подобрена аеродинамика, а според Хонда и со сериозни подобрувања на најслабата страна – погонската единица.
– Ф1 е крајно непредвидлив шампионат, но, од она што го видов досега во однос на аеродинамиката, болидот изгледа одлично и едвај чекам да ги тестирам нашите иновации, – изјавил Батон кој прв ќе може да го тестира новиот болид на Мекларен-Хонда.
Минатата сезона, Мекларен-Хонда ја заврши на разочарувачкото 9-то место од 10 екипи, а Батон и Алонсо освоија заедно само 27 бода.