Тешка, но вредна победа на ЖРК Вардар против незгодните романки

Ракометарките на ЖРК Вардар потешко од очекувањата стигнаа до првата победа во главната фаза во Лигата на шампионките.

zrk vardar11

СЦ Јане Сандански повторно остана неосвоива тврдина за гостинските ракометарки, овојпат за ЦСМ Букурешт кои одиграа одличен натпревар, но за среќа го загубија минимално со 22-21.

Драма се одвиваше во последните секунди, романките имаа напад за израмнување, но последниот удар го одбрани Суслина со што Вардарки до крај ја задржаа топката и стигнаа до првата победа во оваа фаза и прва во 2016 година.

Во составот на ЖРК Вардар најефикасна со 5 гола беше Андреа Лекиќ, а по 4 постигнаа Пенезиќ и Дембеле.

Кај Букурешт беше најефикасната на мечот Гулден со 8 постигнати гола, а на голот на Букурешт одлична беше хрватската голманка Грубишиќ со 16 одбрани, наспроти 14 на Лејно од ЖРК Вардар.

Со оваа победа ЖРК Вардар сега има 6 бода и се наоѓа на третата позиција на табелата, додека на првите две места со по 7 бода се Будучност и Ѓер.

Во следното коло ЖРК Вардар на 17 јануари игра нагости против европскиот шампион Будучност.