Шампионот на АБА лигата од 2014 година Цибона се раздели со својот тренер Славен Римац поради слабите резултати оваа сезона во регионалното натпреварување.
Но поранешниот европски и хрватски шампион Цибона веќе има нов тренер. На клупата на трофејната екипа доаѓа поранешниот играч и репрезентативец на Хрватска Дамир Мулаомеровиќ.
Дамир има богата кариера каде бил играч на Слобода Тузла, Цибона, Ефес, Фортитудо Болоња, Ефес Пилсен, Панатинаикос, Снајдеро, Реал Мадрид, ПАОК, Олимпијакос, а играчката кариера ја заврши во Загреб пред три години.
Тренерската работа во Цибона за Мулаомеровиќ ќе биде прв голем предизвик во оваа професија, откако претходно работеше во Слобода од Тузла.
Новиот тренер дебитираше вечерва против ривалот Задар и стигна до победа од 74-65 и го избегна последното место во АБА лигата.