Во кошаркарската Евролига се одиграа 4 натпревари од четвртото коло во Топ 16 фазата.
Во кошаркарското Ел Класико што се одигра во Мадрид, Барселона со поените на Џастин Доелман славеше над шампионот Реал Мадрид со 87:86 со кош во последната секунда.
Реал иако првото полувреме, го заврши со предност од 11 поени, Барселона успеа да се врати во мечот во третиот период, а во последната минута тимовите константно го менуваа водството.
Последните осум секунди го донесоа расплетот, најпрвин Фелипе Рејес погоди едно од двете слободни фрлања за 86:85, а потоа буквало со звукот на сирената Доелман поентираше од многу тешка позиција за триумф на Барселона.
Американецот постигна 24 поени, а покрај него кај Каталонците двоцифрени беа уште Перпероглу со 13, Наваро со 12 и Лавал со 10 поени. Серхио Родригез беше најдобриот играч на Реал со 18 поени и 13 асистенции.
Во второто дерби во Ф групата, Лаборал Куча славеше против ЦСКА Москва со 81:71. Мечот го одбележа исклучувањето на Теодосиќ, кој на 30 секунди до крајот влезе во вербална расправија со еден од судиите. Бурусис имаше 19 поени и 11 скокови кај Лаборал, а Теодосиќ имаше 18 поени и 7 асистенции за ЦСКА.
Во Е групата. Локомотив Кубан го совлада Панатинаикос со 76:67, додека Цедевита го изненади Анадолу Ефес со 84:80.
Останатите четири средби од ова коло се играат вечерва Дарушафака – Фенербахче, Црвена Звезда – Уникаха, Кимки – Бамберг и Жалгирис – Олимпијакос.