ВИДЕО: Сеќавање….61 година од раѓањето на Ф1 великанот Аиртон Сена!

Loading

На денешен ден пред 61 година се роди еден од најголемите возачи во историјата на Формула 1 – Аиртон Сена.

Аиртон Сена да Силва е роден во Сао Паоло, Бразил, на 21 март 1960 година. Поради проблеми со координацијата на движењето, татко му го убедувал како дете да започне да вози картинг.

Како тинејџер, освои многу награди во картинг, а во 1982 година се пресели во Англија, за да се посвети на професионалната кариера во Ф1.

Дебитираше за Ф1 во 1984 година. Го привлече вниманието на светската јавност истата година на ГП Монако, кога ги остави Михаел Шумахер и Алан Прост зад него на патеката и беше зад петите на Ники Лауда, и покрај дождот што беше толку силен па трката мораше да биде прекината.

Токму поради тоа возење го доби познатиот прекар „Дождовен човек“. Првата победа ја постигна во 1985 година во Португалија.

Сена победи на 41 трка во кариерата, а 39 пати беше на подиумот. Легендарниот Бразилец освои три шампионски титули (1988, 1990, 1991 година), и остана запаметен како крал на квалификациите и најдобар возач на дожд во историјата на Ф1.

Сена почина на првиот ден од мај 1994 година на 34-годишна возраст откако изгуби контрола над својот автомобил со брзина од над 300 км на час и удри во бетонскиот ѕид од кривината Тамбурело на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола. Ден претходно, на истата патека, за време на квалификациите на скоро истото место, животот го загуби Австриецот Роланд Раценбергер.

На денот на неговата смрт, Сена го возеше болидот на Вилијамс. Снимката од камерата инсталирана во автомобилот на Шумахер покажува дека автомобилот на Сена двапати проклизнуваше во седмиот круг, што предизвика да излета од патеката во кривината Тамбурело и да удри во бетонски ѕид кој не беше заштитен со гуми. Сена со тешки повреди е пренесен со хеликоптер во болница во Болоња. Почина неколку часа подоцна поради повреди на главата.

Сена возеше за екипите на Толеман, Лотус, Мекларен и Вилијамс. Ќе бидат запаметени неговите дуели со бројни легенди на Ф1, како Најџел Менсел, Нелсон Пике, но особено со неговиот најлут ривал Алан Прост.

Иако некои други возачи освоија повеќе титули, општото мислење во светот на Формула 1 е дека некој како Аиртон Сена нема да се роди повторно.

„Да се ​​биде втор, значи да се биде најдобар меѓу губитниците“, рече неверојатниот Бразилец и следејќи го тој слоган, живееше.

Погледнете ги најдобрите 10 моменти од кариерата на Аиртон Сена…

На почетокот на кобната сезона, Сена беше многу вознемирен поради новите правила во Формула 1, според кои се забранети електронски помагала за возачите во болидот, пред се, контрола на тракција и системот „Летај по жица“ …

Потоа изговори реченица што ќе ја заледи крвта на многумина по само еден месец.

„Ова ќе биде сезона со многу несреќи, би ризикувал да кажам дека ќе имаме среќа доколку не се случи нешто многу сериозно“, рече Сена. Само еден месец и нешто подоцна, се случи трагедијата….