Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Марјан Спасески денеска ги прими македонските каратисти кои настапија на Европското првенство во Франција.
Од таму со бронзен медал се враќа Емил Павлов кој во континуитет остварува врвни резултати на континенталните карате собири, додека петто место освоија, Наташа Стефановска во борби и Поликсенија Јовановска во кати-поединечно.
За постигнатите резултати каратистите добија честитки од Спасески кој истакна дека каратето останува еден од најтрофејните спортови.
,,Карате спортот е во голем подем и има голем потенцијал, за што говорат и резултатите. Имено, Емил Павлов повторно потврди дека е во самиот европски врв и минатиот викенд повторно се израдувавме на неговите настапи и освоениот бронзен медал во категоријата до 60 килограми.
,,Забележителни настапи имаа и останатите репрезентативци, особено Наташа Стефановска, која за влакно не успеа да освои медал и се пласираше на 5-то место. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја,, изјави Спасески.
,,Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признание – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена,, додаде директорот на АМС.
Со овој резултат Павлов ќе ја продолжи стипендијата од Светска категорија и во следните четири години ќе добива по две просечни плати, додека пак Стефановска се стекнува со стипендија од Меѓународна категорија и во следните две години ќе добива во просек по 1,3 просечни плати на месечна основа.
Емил е носител и на највисокото спортско признание, популарната “Спортска пензија” и истиот по завршување на спортската кариера, ќе добива доживотен месечен надомест во висина од една просечна плата.
Селекторот Белистојановски се заблагодари за континуираната поддршка која Агенцијата за млади и спорт ја дава на каратето во Македонија потенцирајќи дека со оглед на конкуренцијата бронзата на Емил Павлов има тежина на злато.
Носителот на медалот ја нагласи важноста на поддршката што каратистите ја добиваат од АМС и, како што рече, стипендиите кои за младите луѓе се вистинска мотивација за остварување на врвни спортски резултати.
На ЕП во Монпеље учествуваа повеќе од 400 каратисти од 38 земји.