Манчестер Јунајтед потврди дека францускиот репрезентативец Пол Погба на крајот на јуни ќе стане слободен играч.
Французинот, кој во редовите на Јунајтед дојде како огромно, скапо засилување, не ги оправда очекувањата и огромните пари кои клубот од Олд Трафорд ги вложи во него.
Погба во Јунајтед пристигна во 2016 година од Јувентус за тогаш рекордни 105 милиони евра.
Почетната плата на Погба беше 10 милиони евра по сезона, подоцна падна на девет милиони, а тој доби нешто помалку од 3,5 милиони евра за маркетиншки права и 2,2 милиони за пласман на Јунајтед во Лигата на шампионите.
Во неговата ера, Јунајтед четири пати освојуваше пласман во Лигата на шампионите. Интересно е што по истекот на договорот ќе добие уште 4,5 милиони евра бонус за верност кон клубот.
Тој бонус беше еден од условите кога тој го потпиша договорот во 2016 година.
„Бонусот за лојалност е навреда за навивачите кои никогаш не го добиле најдоброто од победникот на Светското првенство за време на разочарувачкиот мандат во клубот“, изјави извор на Дејли Меил.
Така, Погба го чинеше Јунајтед нешто повеќе од 256 милиони евра. Тоа е 1,13 милиони евра по натпревар (одиграни 226), или 6,6 милиони евра за секој од 39-те постигнати голови.
Што е многу, многу е …