Германија и Франција, на стадионот „Велодром“, во Марсеј, ќе го одиграат второто полуфинале на ЕУРО 2016, по кое ќе биде познат противникот на Португалија во финалето на 10.јули в недела.
Германија, ќе се обиде да избори пласман во своето седмо финале, додека Франција ќе се бори за трето учество во завршниот меч.
И двете репрезентации до полуфиналето стигнаа без пораз, во првата фаза забележаа по две победи Германија над Украина и Северна Ирска, Франција над Романија и Албанија и по едно реми против Полска, односно Швајцарија.
Во осминафиналето Германија ја мина Словачка, а Франција Република Ирска, додека во четвртфиналето домаќинот беше убедлив против Исланд, а Германија по пенал драмата ја мина Италија.
Германија на овој меч има сериозни кадровски проблеми, каде ќе настапи без тројца влијателни играчи: дефанзивецот Матс Хумелс поради жолти картони, а за Сами Кедира и Марио Гомез првенството е веќе завршено.
Од друга страна Дидие Дешамп има идеална ситуација пред себе, нема повредени, ниту пак казнети играчи.
Германија има три европски титули, последната освоена во Англија во 1996 година, додека Франција има две, последната освоена со „златниот гол“ на Трезеге на ЕП во 2000 година, во Холандија и Белгија.
Двете репрезентации досега одиграле 27 натпревари меѓусебе, Франција победила на 12, а Германија на 9 средби, додека на големите натпреварувања последен пат се сретнале на Мундијалот во Бразил, кога во четвртфиналето Германија победи со голот на Хумелс.
Последниот нивни дуел, се одигра на 13.ноември минатата година каде Франција победи со 2:0.