На Роланд Гарос познати се 1/2 финалните двојки во обете конкуренции

Loading

Комплетирани полуфиналните двојки на тенискиот гренслем Роланд Гарос.

роланд гарос дожд1

Новак Џоковиќ со убедливи 3-0 во сетови го совлада чешкиот тенисер, Томаш Бердих. Србинот мечот го започна фуриозно, неговиот голем асортиман на удари беше поразителен за Бердих, кој иако имаше одличен турнир, но некако како да остана без сили за да се натпреварува со големиот Ноле.

Противник на Џоковиќ во полуфиналето ќе му биде Доминик Тием кој го победи Давид Гофан во четири сета 4-6, 7-6, 6-4, 6-1, и го оствари најдобриот резултат во кариерата. 22-годишниот Австриец од понеделник ќе биде седми на АТП листата.

Џоковиќ и Тием досега имаат одиграно два меча и на двата победил најдобриот светски тенисер.

Кај дамите првата носителка во Париз, Серена Вилијамс мораше да прави пресврт против казахстанската тенисерка, Јулија Путинчева и со 5-7, 6-4, 6-1 да стигне до полуфиналето на Ролан Гарос.

Аутсајдерот на овој меч, Путинчева одигра феноменален прв сет, каде целосно ја надигра бранителката на турнирот и поведе со 1-0 во сетови, правејќи брејк во 11. гем.

Меѓутоа, Серена покажа зошто е голема шампионка и го зголеми темпото во вториот и третиот сет, каде славеше со лесни 6-4 и 6-1.

Во полуфиналето, Вилијамс ќе игра против Кики Бертенс од Холандија, која беше подобра од Тимеа Башчински од Швајцарија со 2-0 во сетови 7-5, 6-2.

Денеска се играат полуфиналните дуели во машка и женска конкуренција.