full screen background image
Последни Вести

Кенијците доминираа на Њујоршкиот маратон

Кениските атлетичари, Вилсон Кипсанг во машка и Мери Кејтани во женска конкуренција, се победници на Њујоршкиот маратон.

Кипсанг до пред пет недели го држеше светскиот рекорд, се додека неговиот повремен тренинг партнер Денис Кимето не го сруши во Берлин.Во Њујорк Кипсанг до победата дојде по ветровито време, претрчувајќи за два часа, 10 минути и 55 секунди, што е повеќе од седум минути поспоро од својот поранешен светски рекорд.

Со оваа победа тој, за нешто повеќе од 13 месеци, забележа победи во Берлин, Лондон и Њујорк, добивајќи 500.000 долари бонус. Втор на трката беше Лелиса Десиса од Етиопија со 11 секунди заостанување, а трет беше неговиот сонародник и шампион од 2010 година, Гебре Гебремаријам.

Кеитани, пак, во женска конкуренција маратонот го заврши за два часа, 25 минути и 7 секунди, три секунди побрзо од сонародничката Џемиме Сумгонг, а трета беше Португалката Сара Мореира за која ова беше прв маратон.