(ФОТО) ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со Јелена Антиќ – Имаше одлично деби како селектор, идол и е Коби и си го оствари својот кошаркарски сон!

Таа е моментално кошаркарка на КК БАСКЕТ КАМ од Македонска Каменица, поранешна репрезентативка на Македонија, а ја водеше и женската кошаркарска репрезентација на Македонија до 20 години на Европското првенство Б девизиија што се одржуваше во Скопје.

Ова е само еден краток вовед во она што следува, а тоа е ЕКСКЛУЗИВНОТО интервју за SPORTY.MK со кошаркарката Јелена Антиќ, каде ќе дознаете нешто повеќе за нејзините почетоци, кариера, хоби и идните планови…. – УЖИВАЈТЕ!

1. КОЈА Е ЈЕЛЕНА АНТИЌ? (кратка биографија)

,,Родена во Скопје, каде што и воедно ја започнав својата кошаркарска кариера во клубот Младинец со само 13 години. Две години подоцна заминав за Америка кога добив стипендија за во средното училиште Liberty Christian Academy. По три години, студиите и кошаркарската кариера ги продолжив на универзитетот Liberty. Оваа прекуокеанска приказна завршува во 2011 година. Првиот интернационален ангажман ми беше во белградски Партизан, потоа Макаби, Израел, Сарагоса, Алба Јулија во Романија, Лулеа во Шведска, Висла Краков во Полска, Унгарија, Белгија…во моментов сум во Скопје, но се надевам дека наскоро ќе можам повторно да се вратам на кошаркарските терени надвор од овие граници.

2. ОД КАДЕ ЉУБОВТА КОН СПОРТОТ ПОСЕБНО КОН КОШАРКАТА?

,,Потекнувам од спортско семејство. Татко ми беше дел од нашата кошаркарска елита, кој играше со познатите имиња како Дражен Петровиќ, Дивац, Паспаљ, Делибашиќ и други врвни спортисти, во врвни клубови. Во наследство ми остави бесценета љубов и талент кон играта која сега е мојот живот и професионална определеност.

3. ТВОЈОТ ПРВ ПРОФЕСИОНАЛЕН АНГАЖМАН И ПРВ ОФИЦИЈАЛЕН НАТПРЕВАР И КОГА СЕ СЛУЧИ ТОА?

,,Белградски Партизан беше мојот прв професионален ангажман во 2011 година. Првиот официјален натпревар беше против екипата на Хемофарм, најголемиот ривал во тоа време… натпревар кој посебно ќе го паметам поради начинот на кој што ме дочекаа навивачите со голем транспарент ,,НЕМА НЕМА НЕ ЌЕ СЕ РОДИ ПОУБАВО ДЕВОЈЧЕ ОД МАКЕДОНЧЕ,,

4. ПОНЕКОГАШ ГУБИШ, ПОНЕГОГАШ ПОБЕДУВАШ. КАКВИ СЕ ТВОИТЕ РЕАКЦИИ КОГА РЕЗУЛТАТОТ НЕ Е ПО ТВОЈ ВКУС?

,,Не сакам да губам, меѓутоа поразот е составен дел од спортот. Важно е да бидам задоволна со личниот перформанс, односно дали сум го дала својот максимум, и дали сме научиле лекција од поразот и да ги корегираме грешките за следниот натпревар.

5. ШТО МОЖЕ ДА ТЕ ИЗНЕРВИРА ДОДЕКА СИ НА ТЕРЕНОТ?

,, Себичност кај соиграчките.

6. КОЛКУ ПАТИ ВО КАРИЕРАТА МОРАШЕ ДА ЈА МЕНУВАШ СРЕДИНАТА ИЛИ КЛУБОТ И ЗОШТО?

,,По заминувањето од Белград каде што бев две ипол сезони, секоја година, па и на два пати се случи на полусезона да ја менувавм средината дали поради подобра понуда, или некои лични незадоволства во екипите каде што настапував.

7. ТВОЈОТ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ ИЛИ УСПЕСИ КАКО КОШАРКАРКА?

,,Секоја успешно одработена сезона ја сметам за успех во својата кариера, но секако ако сезоната на крај е крунисана со некоја медаља или некое лично признание има посебен драж. Освојувањето на титулата во Шведска ќе ја издвојам за најдрага.

8. ЗА КОЈ КЛУБ ОД СЕКОГАШ СИ САКАЛА ДА ИГРАШ? (ЕВРОПСКИ или НБА) И ДАЛИ ТОЈ СОН ИЛИ ЖЕЛБА ТИ СЕ ОСТВАРИ?

,,Можеби Фенербахче е клубот за кого што би сакала да настапам, но во секој случај сонот ми беше да заиграм Евролига и тоа ми се оствари.

9. КОЈ Е ТВОЈОТ КОШАРКАРСКИ ПРИМЕР ИЛИ ИДОЛ?

,,Коби Брајант.

10. КАКО ЈА ОЦЕНУВАШ СОСТОЈБАТА ВО МАК КОШАРКАТА, ИМАМЕ ЛИ МЛАДИ НАДЕЖИ, ТАЛЕНТИ ЗА ЧЕКОР НАПРЕД?

,,Македонија е една убава мала земја која родила многу таленти на кои треба да им се даде шанса да просперираат и да бидат нејзини вистински амбасадори. Искрено мислам дека и во македонскиот спорт има многу докажани имиња кои допринесоа за афирмација и надвор од границите и заслужуваат подобар третман и статус во општеството. Јас како професионалец би сакала да луѓето кои се компетентни (потенцирам дека тоа би требало да бидат спортисти бивши и сегашни) да направат напор повеќе да се вложи во спортот, што значи повеќе спортски сали кои ќе бидат достапни за сите што го сакаат спортот, теретани опремени со модерни реквизити, едукација на тренери (кондициони и стручњаци на теренот), добар скаутинг на младите спортисти низ цела Македонија, јак маркетинг и најважното големо срце, визија, и желба за напредување и успех. Млади надежи имаме меѓутоа многу малку. Треба да привлечеме повеќе деца да се бават со овој спорт, значи прво квантитет па понатака ќе работиме за да достигнеме некој квалитет.

11. ДАЛИ ВО ИДНИНА СЕ ГЛЕДАШ ВО УЛОГА НА ТРЕНЕР ИЛИ СЕЛЕКТОР ВО НЕКОЈ КЛУБ ОД МАКЕДОНИЈА ИЛИ ОД СТРАНСТВО ИЛИ ИМАШ ДРУГИ ПРОФЕСИОНАЛНИ ПЛАНОВИ?

,,Во иднина се гледам како тренер во некој перспективен странски клуб.

12.КАКВО БЕШЕ ИСКУСТВОТО ВО ВОДЕЊЕТО НА ЖЕНСКАТА У20 РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА И КАКО СИ ЗАДОВОЛНА ОД ПЛАСМАНОТ?

,,Ова беше едно големо искуство првенствено за мене како млад тренер, да водам една селекција на едно Европско натпреварување. Самата титула, да се биде селектор, носи голема одговорност. Кога ќе ги земам сите околности во предвид, сметам дека остваривме одличен резултат, пласирајки се во четвртфиналето. Да се биде пред квалитетните репрезентации на Хрватска, Романија, Словачка, Швајцарија итн. е голем успех за нашата репрезентација. Девојките го дадоа својот максимум, иако јас искрено верував дека можевме уште повеќе. Како и да е, јас само се надевам дека девојките извлекоа некои позитивни работи од целото ова искуство, и дека ќе продолжат да се надградуваат.

13. КАКО ГО ПОМИНУВАШ СЛОБОДНОТО ВРЕМЕ И КОЕ Е ТВОЕТО ХОБИ?

,,Обожувам да спијам, но исто така обожувам да се будам во раните часови, кога сончевите зраци ќе ме разбудат, и да го испијам утринското кафе. Повеќе уживам во опуштена атмосфера, во пријатен амбиент и пријатно друштво, добар ресторан, добра храна и добро вино, одколку вечерни журки до раните часови. Мислам дека кошарката ме ставила во таков режим да 8-те часа спиење ми се неопходни, што не значи дека Јелена не знае да ги прекрши правилата некогаш 🙂

14. ПОРАДИ ТВОЈАТА ПРИРОДНА УБАВИНА ЧЕСТО ТЕ ГЛЕДАМЕ И ВО НЕКОИ ОД НАШИТЕ МОДНИ СПИСАНИЈА И СЛУЧУВАЊА…

,,Мислам дека треба уште повеќе да ме гледате 🙂  Не сум личност што се експонира, меѓутоа сметам дека успешните жени не добиваат доволен публицитет во нашата држава.

15. ПОРАКА ДО МЛАДИТЕ КОШАРКАРКИ И ЗОШТО ДА ЈА ИЗБЕРАТ КОШАРКАТА КАКО СПОРТ

,,Кошарката е пред се добра за физичкиот развој на децата. Овој спорт ви дава многу можности да се развиете како личност, да стекнете нови пријателства, да запознаете нови култури и обичаи. Играњето кошарка е професија од која може да имате многу бенефити се додека имате желба и упорност максимално да се посветите на овој спорт.

16. И ЗА КРАЈ, ЕДНА ПОРАКА ОД ЈЕЛЕНА АНТИЌ ДО ЧИТАТЕЛИТЕ И И ПОСЕТИТЕЛИ НА SPORTY.MK И КАНАЛОТ НА ЈУТЈУБ

,,Најголема сатисфакција и придобивка во животот на еден човек е да го работи тоа што го сака, а истовремено да го сака тоа што го работи. Било што да посакувате, стремете се кон тоа. Бидите исполнети, и среќни и не дозволувајте никој да ве обесхрабрува во остварувањето на зацртаната цел.

 

 

НАПОМЕНА: (сликите се користени од FB и Instagram профилот на Јелена Антиќ)

интервјуто го правеше – Томислав Атанасовски