Џудистката Реџепи на прием во АМС по бронзениот медал во Клуж!

Loading

Прием за Амбреша Реџепи-бронзената од Европскиот џудо куп во куќата на спортот.

ams priem ambresa

Абреша Реџепи (-48 кг) освои историски бронзен медал за џудото во Македонија. Реџепи на Европскиот куп Клуж Напока за кадети во Романија го освои третото место, што е еден од најголемите успеси на македонските џудисти.

По тој повод директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески организираше прием за Реџепи на кој го искажа задоволството од освоениот медал бодуван на светската ранг листа во џудо, на кој Амбреша е моментална 26-та.

Тој посака повторување на овој успех на претстојното Европско кадетско во Финска закажано за јули годинава. Во таа насока ја потенцираше одличната соработка со џудо федерацијата на Македонија, која заедно со другите боречки федерации создаваат млади таленти-претенденти за остварување на врвни спортски резултати на светско ниво, достојни претставници на Македонското знаме.

Реџепи се заблагодари на поканата на Агенцијата за млади и спорт, искажувајќи го задоволството околу целокупната поддршка за меѓународните настапи, ветувајќи дека за претстојните континентални собири ќе работи уште понапорно бидејќи нејзина крајна цел е собирање бодови на светската ранг листа и обезбедување на норма за ОИ Токио 2020.

Свое излагање имаше и претседателот на џудо федерацијата Ванчо Настов кој истакна дека ставањето на акцент на работата со помладите возрасни категории вродува со плод, потенцирајќи дека за добри сениори потребно е првенствено остварување на квалитетни кадетски и младински репрезентативци.

ams priem ambresa 1

Тренерот и селектор на кадетските џудо репрезентативци Горан Мицковски го изрази своето задоволство од освоениот резултат на Реџепи излагајќи ја потребата за професионално надоградување на Амбреша како вистински кандидат за остварување на норма за наредните ОИ.

Инаку нашата џудистка најпрво ја совлада Србинката Невена Милиќ, кои имаа по еден вазари, но противничката имаше една казна повеќе, потоа загуби од Гулија Сантини од Италија со еден ипон.

Во репасажот Реџепи славеше против Сандра Тамаши од Унгарија со еден ипон, а со иститот резултат ја победи и Хрватката Матеа Брлетиќ.

Во клучниот меч за бронзениот медал таа беше подобра со еден ипон од Италијанката Ана де Лука.