АБА лигата и Евролигата потпишаа нов четиригодишен договор, кој подразбира дека АБА лигата има загарантирано едно место во Евролигата и три места во Еврокупот.
Клубовите од АБА лигата претходно постигнаа меѓусебен договор, останаа доследни на идејата да учествуваат во натпреварувањата кои ќе ги организира Евролигата, а не ФИБА.
Според него шампионот во АБА лигата ќе учествува во Евролигата, а три екипи ќе одат во Еврокупот, но во иднина постои можност оваа бројка да биде проширена, со уште едно место во Евролигата и две во Еврокупот.
Наредната сезона, од АБА лигата, во Евролигата ќе игра Црвена ѕвезда, без оглед на епилогот од финалната серија со Мега Лекс, додека во Еврокупот ќе одат Цедевита, Будуќност и Партизан.
Евролигата од следната сезона ќе функционира како затворен систем со 16 екипи кои ќе се натпреваруваат по лига систем, односно секој тим ќе одигра по 30 натпревари.
По завршувањето на лигашкиот дел, најдобрите осум тимови ќе играат во четвртфиналето, а на завршниот турнир ќе одат екипите кои ќе изборат три победи.