Несреќната Романија на крајот стигна до третото место и бронзениот медал на СП во ракомет за жени

Ракометната репрезентација на Романија во малото финале ја победи убедливо Полска со 31-22 и го освои третото место и бронзениот медал на Светското првенство за жени што се одржува во Данска.

romanija

Романките имаа тешка задача и трнлив пат на завршницата на ракометниот Мундијал за жени, а до бронзениот медал стигнаа откако најпрво го победија светскиот првак Бразил и домаќинот на шампионатот Данска, но во полуфиналето од Норвешка загубија во продолжението со 35-33.

Романките ги предводеше Кристина Неагу, која постигна дури 10 гола и со вкупно 63 беше најдобар стрелец на Мундијалот, а полските ракометарки делуваа индиспонирано во текот на целиот меч.

Претходно беше комплетирана борбата за пласман од петтото до осмото место, односно зад Романија и Полска следуваат Русија, Данска, Франција и Црна Гора, а носителот на златниот медал ќе биде познат по одигрувањето на финалето меѓу Норвешка и Холандија кој започнува во 17 часот и 15 минути.