Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески оствари средба со Бојан Димески, освојувачот на бронзениот медал за Македонија на Светската Ранг Листа во воздухопловно моделарство – јуниорска конкуренција F1-A за натпреварувачката сезона 2015.
Димески големиот успех го постигна благодарение на освоените 201 поени и тоа први места на Светскиот Куп Софија, Светскиот Куп Македонија, Светскиот Куп Прилеп и Светскиот Куп Анадолија.
Директорот Спасески му го честиташе големиот успех на Димески и му посака уште вакви големи успеси, зошто секој личен успех претставува успех и за Македонија.
Димески се заблагодари за приемот и истакна дека во наредниот период ќе работи уште понапорно за да стигне до златниот медал во повисоките-возрасни конкуренции.
Инаку, освоеното 3-то место само по себе претставува голем успех бидејќи карактеристиките на овој спорт бараат голема физичка подготвеност, познавање на метеорологијата заедно со современите материјали и технологии каде дизајнираната и изработена едрилица потребно е да остане што повеќе време во летање.
Бојан Димески, настапува за Аеро клубот ПРИЛЕП и е одличен ученик во трета година-германска паралелка во Гимназијата “Јосип Броз”.