Новак Џоковиќ во четвртфиналето на АТП турнирот во Дубаи беше голем фаворит за пласман во полуфиналето против Фелисијано Лопез, но првиот тенисер во светот неочекувано го предаде мечот по завршување на првиот сет.
Лопез го доби првиот сет со 6-3, а потоа Џоковиќ се упати кон него да го извести дека го предава мечот поради проблемите со десното око. Ова е прв пат по речиси 5 години Џоковиќ поради повреда пред време да го заврши мечот.
Тој во Дубаи ја прекина неверојатната серија од 17 последовни настапи во финалињата на АТП турнирите, а исто така го доживеа првиот пораз уште од ноември минатата година, кога загуби од Роџер Федерер во првото коло на завршниот Мастерс.
Фелисијано Лопез, дури во осмиот дуел прв пат славеше над Ноле, а во полуфиналето за противник ќе го има Кипранинот Маркос Багдатис кој во два сета славеше над Роберто Батиста Агут.
Во второто полуфинале во Дубаи ќе играат Ник Киргиос и Стен Вавринка.