Одбојкарките на Работнички без муниција против романски Волунтари во дебито во ЛШ на ЦЕВ

Loading

Синоќа во Струмица, одбојкарките на нашиот шампион Работнички забележаа очекуван пораз од романскиот шампион Волунтари со 0-3.

Тоа беше првиот меч од 3-то квалификациско коло во Лигата на шампионките на ЦЕВ кој се одигра во спортската сала Парк во Струмица.

Волунтари покажа и докажа дека е голем фаворит против нашиот претставник во елитното натпреварување и сосема заслужено стигна до победата.

Победата беше во три сета со (14-25, 13-25, 12-25) и на тој начин романскиот клуб го најави својот пласман во следната фаза.

Во трите сета Работнички не успеа да даде посилен отпор за доминантните гостински одбојкарки, но тренерот Деспотовски истакна дека искуството за овие девојки е огромно кое го добиваат со овие натпревари.

Во нашиот состав Баталаковска постигна 8, а Ирма Ѓурѓевиќ даде 7 поени. Кај Волунтари најдобра беше Лукашик со 11 поени.

Во Романија се игра реванш мечот кој на програмата ќе биде на 9-ти октомври.

Вреди да се напомене дека и покрај елиминацијата од ЛШ, Работнички своите настапи во европските купови ќе ги продолжи во Купот на ЦЕВ.