Навивачите на Милан со денови најавуваа дека нивниот поранешен голман Џанлуиџи Донарума го чека „пеколен пречек“ на стадионот „Сан Сиро“.
Но ретко кој можеше да претпостави дека тие ќе бидат толку креативни.
„Росонерите“ подготвија илјадници специјално дизајнирани банкноти со ликот на славниот голман кого го нарекоа „Доларума“, очигледно затоа што по пари заминал од Милано во ПСЖ.
Кога Донарума застана меѓу стативите, тие банкноти полетаа кон него. Иако повеќето беа отстранети, имаше и такви поради кои италијанскиот голман „лежеше во пари“ при одредени интервенции.
На овој начин навивачите на Милан слатко му се одмаздија на својот поранешен голман кого го нарекоа „предавник“ кога одби да го продолжи договорот.
За неговата кариера се грижеше покојниот Мино Раиола. Тој успеа Донарума да го добие најголемиот договор во Милан.
Но и тоа не беше доволно за младиот голман кој чекаше да му истече договорот и да потпише со Пари Сен Жермен во летото 2021.
Потоа со него во ПСЖ пристигнаа Меси, Рамос, Хакими и многу други, но никој од нив не помина низ „навивачката тортура“ како италијанскиот голман.
Работата да биде полоша за Донарума, загуби со 2:1 по враќањето на „Сан Сиро“. Па настана хаос во „групата на смртта“ каде сите четири екипи сега имаат шанса да минат.
Дортмунд има 7 бода, ПСЖ 6, Милан 5, а Њукасл 4. Сите имаат шанси сега.
Милан следното коло пак игра пред домашна публика на Сан Сиро каде на 28 ноември ќе се сретне со Дортмунд.