(ВИДЕО) Бројки за историја на Јокиќ – Србинот направи нешто што на никој во НБА не му пошло од рака во една сезона!

Србинот стана првиот играч во историјата на НБА кој во една сезона успеал да постигне повеќе од 2000 поени, 1000 скока и 500 асистенции!

Никола Јокиќ со својата маестрална игра круниса уште една спектакуларна сезона.

Блескаше против Мемфис и покрај тоа што на стартот на мечот заработи незгодна расекотина на главата по жесток удар од противникот.

Тој се врати на теренот и им донесе триумф на Нагетси кој ги однесе директно во плејофот.

Сомборецот уште еднаш покажа зошто е апсолутен фаворит за повторно освојување на престижната награда МВП.

Мемфис не го поштедија Јокиќ. Џерен Џексон Јуниор брутално го удри со лактот во главата на самиот старт на натпреварот, па Србинот се здоби со сериозна расекотина.

Никола мораше да биде на клупата за лекарскиот тим да го запре неговото крварење. Сепак, тоа не го вознемири. Тој се врати на теренот со црвена лента на главата и им сервираше на Гризлис сурова одмазда.

Беше незапирлив. За 35 минути игра постигна 35 поени, забележа 16 скока, 6 асистенции, 4 украдени топки и една блокада.

Со тоа тој стана првиот кошаркар во историјата на НБА лигата кој во регуларниот дел од сезоната има најмалку 2.000 поени, 1.000 скока и 500 асистенции.

Нагетси со овој триумф го обезбедија шестото место на Западот и директен пласман во НБА плеј-офот.

Пред крајот на регуларниот дел од сезоната имаат 48 победи и 33 порази, односно недостижна предност во однос на седмопласираната Минесота.