Тивкото патење на Балотели – Духот на Златан влезе во Супер Марио, а еве што го мачи веќе 4 години!

Италија минатото лето го освои Европското првенство, победувајќи ја Англија на „Вембли“ по пенал рулетот, сепак на „аѕурите“ се ќе им беше полесно доколку го имаа „скромниот“ Марио Балотели на располагање.

фото: Profimedia

Напаѓачот, кој последниот натпревар за репрезентацијата го одигра во јули 2018 година во Лигата на нации против Полска, смета дека Роберто Манчини, селекторот на Италија имал проблем бидејќи не можел да смета на него.

Неговите зборови веројатно многумина ќе потсетат на стилот на Златан Ибрахимовиќ, кој не пропушта прилика да зборува за себе во суперлативи.

– Не ја следев Италија за време на Европското првенство, боли да ги гледаш нивните натпревари без да бидеш со нив. Тие го освоија трофејот без мене и сосема го заслужија. Секако, да бев подготвен да играм, ќе го добиевме уште полесно – изјави Марио Балотели.

31-годишниот Италијанец работеше со Манчини на почетокот на кариерата во Интер, а подоцна и во Манчестер Сити.

– Премногу го сакам Роберто Манчини и тој не заслужува ништо слично на тоа што му се случи во минатото. Често разговараме и секогаш ми вели дека работам напорно и се трудам да напредувам во некои аспекти.

Балотели се надева дека наскоро повторно би можел да го облече репрезентативниот дрес, а првата можност ќе ја има на крајот на март кога Италија ќе игра во баражот за пласман на Мундијалот.

Прв противник на Италија е нашата репрезентација, а во случај на победа Италијанците ќе играат против подобриот од дуелот меѓу Португалија и Турција.