Хулен Лопетеги е именуван за нов селектор на фудбалската репрезентација на Шпанија, објави националниот сојуз на оваа земја.
Лопетеги е поранешен тренер на Порто, а доаѓа на местото на Винсенте дел Боске кој замина од функцијата по елиминацијата во осминафиналето на Европското првенство во Франција.
Шпанскиот сојуз се реши да му ја даде довербата на Лотепеги бидејќи тој во 2012 и 2013 година со младата репрезентација ја освојуваше европската титула.
Во младинските категории има работено со Де Хеа, Бартра, Алкантара, Мората, Иско, Коке, Алкасер.
Шпанија е втората репрезентација од квалификациската група за пласман на светското првенство, во која се наоѓа и Македонија, која во квалификациите ќе влезе со нов селектор.