ФИФА продолжува да ја тресе фудбалската јавност.
Швајцарската полиција упадна во луксузниот хотел “Боро Лак” во Цирих, каде престојувале лица вработени во ФИФА и уапси неколку функционери.
Нема официјална потврда за лицата кои се уапсени но се шпекулира дека се уапсени претседателот на КОНКАКАФ, Алфредо Хавит од Хондурас и првиот човек на јужноамериканскиот фудбал, Хуан Анхел Напут.
Спомнатиот Хавит го наследи корумпираниот Џеф Веб на оваа функција.
ФИФА на својот сајт потврди дека имало нови апсења.
„ФИФА е загрижена од акцијата на Министерството за правда на САД.
Ќе продолжиме да соработуваме со истрагата како што тоа го правевме досега во согласност со швајцарските закони, ФИФА понатаму нема да коментира за овој случај “ изјавуваат од организацијата.
Оваа година во ФИФА се случија низа апсења на високи функционери, а во моментов, суспендиран е првиот човек Сеп Блатер.
Се очекува работите да се консолидираат по претседателските избори кои треба да се одржат на 26 февруари 2016 година.