Мундијал на два континента во 2030 година – Овие земји поднесоа заедничка кандидатура!

Loading

Кралот на Мароко, Мохамед Шести, ја објави заедничката кандидатура на Мароко, Шпанија и Португалија за домаќин на Светското првенство во фудбал во 2030 година.

,,Пред вашето собрание објавувам дека Кралството Мароко одлучи да поднесе заедничка кандидатура со Шпанија и Португалија за домаќин на Светското првенство во 2030 година – рече мароканскиот крал во пригодната порака што ја прочита министерот за национално образование, предучилишна и спорт, Чакиб Бенмуса во Кигали, каде ФИФА денеска ќе го одржи 73-от Конгрес.

Оваа заедничка кандидатура, без преседан во историјата на фудбалот, ќе биде врска меѓу Африка и Европа, меѓу северот и југот на Медитеранот и меѓу африканскиот, арапскиот и евро-медитеранскиот свет, потенцира кралот на Мароко во пораката.

Мароко во минатото неколку пати се кандидираше за домаќин на Светското првенство, а најблиску до организација на турнирот беше во 2010 година кога загуби од Јужна Африка.

Ова е втора официјална кандидатура за домаќин на Светското првенство во 2030 година, откако Аргентина, Чиле, Парагвај и Уругвај заеднички го направија тоа на почетокот на февруари.

Четири јужноамерикански земји побараа турнирот да се врати „таму каде што е роден фудбалот“, 100 години по одржувањето на првото Светско првенство во Монтевидео.

фото: FIFA

Се шпекулира дека во трката за СП 2030 би можеле да се приклучат Египет, Грција и Саудиска Арабија.

Следното Светско првенство е закажано за 2026 година во Мексико, САД и Канада каде ќе настапат рекордни 48 репрезентации.