Микел Хансен и Кристина Неагу се добитници на признанијата за најдобри светски ракометари во машка и во женска конкуренција за 2015 година, во изборот на Светската Ракометна Федерација ИХФ.
Хансен за главен ривал во трката го имаше клупскиот колега Никола Карабатиќ, но на крајот данскиот „бомбардер“ од ПСЖ собра повеќе гласови од жирито од ланскиот добитник на наградата.
Данецот го добива ова значајно признание по вторпат во кариерата (првиот пат беше најдобар во светот во 2011 година), а зад него останаа Карабатиќ, Дувњак, Омејер и катарскиот репрезентативец Рафаел Капоте.
Само за потсетување, Хансен ја заврши сезоната со 141 постигнат гол во Лигата на шампионите.
Кристина Неагу убедливо стигна до првото место во женска конкуренција, освојувајќи 50,5 проценти од гласовите од стручното жири и 72,9 проценти од гласовите на фановите.
Романката играше извонредно и за својата репрезентација и за тимот на Будуќност, па неслучајно ги остави зад себе Хајди Локе, Нике Грот, Каролина Кудлач-Глок и Нора Морк.