Германецот го напушти Челзи, а за неуспехот во Англија крива му е ВАР технологијата!

Тимо Вернер го обвинува ВАР за својот неуспех во Челзи и сите случувања во Премиер лигата.

фото: MONDO/UROŠ ARSIĆ/PROFIMEDIA

Видео технологијата е причината поради која не остави голема трага во најсилната лига на светот.

Германскиот фудбалер реши да се врати во Лајпциг и набргу по враќањето зборуваше за епизодата во Англија. Во синиот дрес одигра вкупно 89 натпревари и постигна 23 гола, но се очекуваше многу повеќе од него.

“Првата година се постигна успех, не мислам на личен, туку на тимски успех. Бев убеден дека ќе биде подобро во втората. Сепак, покрај пропуштените шанси ме уништи и ВАР. Би рекол дека сум рекордер по бројот на поништени голови по интервенцијата на ВАР. Таа информација ми ја уништи самодовербата“, изјави Вернер.

Пред да пристигне на Стемфорд Бриџ, Вернер блескаше во Германија. За Лајпциг одигра 159 натпревари и постигна 95 голови.

Интересот бил голем, тој наводно бил на прагот да се пресели во Ливерпул, дури разговарал и со Јирген Клоп. Не успеале да се договорат за личните услови, а потоа Челзи се вклучи и го ангажираше.

Наместо продолжување на голгетерската серија, следеа проблеми. Со клубот ја освои Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство, но беше далеку од своето ниво.

Премногу пати промашуваше, често тоа беа зицери кои не можеше да ги смести во мрежата.

Згора на се, ВАР беше дополнителен проблем, бидејќи неговите голови често беа поништувани по гледањето на снимката.

Главно поради офсајд позициите во кои се наоѓаше непосредно пред голот.

Во октомври 2021 година, ESPN објави неверојатен факт – ВАР откажа дури 16 негови голови за нешто повеќе од една година…