(ФОТО) ЕВРО 2024: Ја претставуваме Групата Ф каде се Португалија, Турција, Чешка и Грузија

Loading

Претставувањето на групите од ЕВРО 2024 го завршуваме со Групата Ф каде се наоѓаат селекциите на Португалија, Турција, Чешка и дебитантот Грузија.

Со осмото последователно учество на ЕП Португалија, шампионот од 2016 година и репрезентацијата која најдобро се претстави во квалификациите, е главен фаворит во групата „Ф“.

Турција и Чешка ќе се борат за преостанатите две места кои водат кон нокаут фазата, доколку, се разбира, Грузија, дебитантот на ЕУРО, не направи ново изненадување.

Португалија, предводена од најдобриот стрелец во историјата на европските првенства, Кристијано Роналдо, доаѓа во Германија како еден од водечките претенденти за титулата.

Како единствена селекција во квалификациите со перфектен учинок (10-0-0) и гол разлика 36:2, селекторот Роберто Мартинез создаде совршен спој на младост и искуство, па не би било изненадување што на крајот на репрезентативната кариера на поранешниот ас на Реал Мадрид, повторно го гледаме Португалецот на покривот на Европа.

ФОТО: Guliver

Оваа Група инаку е речиси идентична со онаа од ЕП 2008 година, со тоа што наместо Грузија, тогаш во групата „А“ беше Швајцарија, која заедно со Чешка натпреварувањето го заврши во првата фаза.

Португалија и Турција продолжија само за да бидат елиминирани од Германија во нокаут фазата.

Тоа беа златните години на турскиот фудбал. По освоената бронза на Светското првенство (2002) и на Купот на конфедерации на ФИФА (2003), Турците ја завршија групната фаза на ЕП 2008 на второто место зад Португалија.

Потоа во четврт-финалето ги избркаа Хрватите по подоброто изведување на пеналите, само за „панцерите“, односно Филип Лам да им ги уништат соништата во полуфиналето со гол во судиското надополнување на конечни – 3:2.

Германците претходно со идентичен резултат ги победија Португалците, за во финалето да загубат од Шпанците со 1:0.

ФОТО: Guliver

Во поновата историја Турците не биле особено успешни на големите натпреварувања. Претходните две европски првенства завршија веќе во групната фаза, додека не се пласираа ниту на претходното Светско првенство, бидејќи во баражот загубија од Португалците со 3:1 за пласман во Катар.

Сепак, со доаѓањето на италијанскиот тренер Винченцо Монтела, ситуацијата полека почна да се подобрува. Се гледа тоа европско влијание што го донесе поранешниот стратег на Милан, Фиорентина, Севиља…

Турците се повеќе наликуваат на тимот од почетокот на новиот милениум кога беа трет тим во светот, а судејќи по резултатите во квалификациите за ЕУРО 2024 каде што завршија на првото место на табелата пред Хрватска и Велс секако дека фановите имаат причина да бидат оптимисти.

Покрај Турција, за пласман во осминафиналето ќе се бори и Чешка, за која ова ќе биде осмо последователно учество на континенталното натпреварување.

Поранешната моќ на европскиот фудбал, додека беше во унијата со Словачка, не го пропушти ЕВРОТО откако стана независна земја во 1993 година. А, во последните три првенства двапати стигна до четвртфиналето.

Getty Images

Тимот од клупата го предводи Иван Хашек, наследникот на Јарослав Шилхави, кој во ноември поднесе оставка од селекторската функција поради критиките од тамошната јавност, иако веќе имаше обезбедено место за Чесите на ЕП – што може да биде „камен на сопнување“ за вицешампионот на Стариот континент од 1996 година.

Хашек досега не го водел тимот во ниту една натпреварувачка игра, додека на клупата забележа две победи во егзибициските мечеви против Ерменија (2:1) и Норвешка (2:1).

Чешка обезбеди пласман на континенталното натпреварување како втора во групата „Е“, во конкуренција на Албанија, Полска, Молдавија и Фарски Острови.

Што се однесува до Грузија, оваа селекција за прв пат во историјата обезбеди пласман на ЕП и воопшто на првото големо натпреварување.

Квалификациите ги завршија на четвртото место во групата „А“ во „опасно“ натпреварување со Шпанија, Шкотска и Норвешка, за преку баражот во Лигата на нации да добие виза за Германија.

Најпрво без поголеми проблеми го совладаа Луксембург со 2:0, а потоа во историски меч ја победија Грција по изведувањето пенали (4:2), откако регуларниот тек на мечот во Тбилиси заврши без голови.

Тимот од клупата го предводи Вили Сањол, учесник на две европски и светски првенства со француската репрезентација, додека ѕвезди на популарните „крстоносци“ се Хвича Кварачкелија (Наполи), голманот на Валенсија, Георги Мамардашвили и центарфорот на Мец, Георги Мукаутадзе.

Распоред на натпревари во – Група Ф

1. коло – 18 јуни
Турција – Грузија – 18.00 часот (Дортмунд)
Португалија – Чешка – 21.00 часот (Лајпциг)

2. коло – 22 јуни
Грузија – Чешка – 15.00 часот (Хамбург)
Турција – Португалија – 18.00 часот (Дортмунд)

3. коло – 26 јуни
Чешка – Турција – 21.00 часот (Хамбург)
Грузија – Португалија – 21.00 часот (Гелзенкирхен)

Standings provided by Sofascore