Возачот на Мерцедес АМГ и лидер во генералниот пласман во Формула 1 шампионатот, германецот Нико Розберг победи на денешната трка што се возеше за Големата награда на Европа во Баку, Азербејџан.
Ова за Розберг беше 19-та победа во кариерата, а петта сезонава со што се зацврсти на првата позиција во генералниот пласман.
Второто место му припадна на возачот на Ферари Себастијан Фетел, а трет беше Серхио Перез од Форс Индија.
Како 4-ти заврши Кими Раиконен од Ферари, а зад него се пласира шампионот Луис Хамилтон од Мерцедес, кој стартуваше од десетото место.
Во генералниот пласман Розберг ја зголеми разликата на 24 бода во однос на Хамилтон, 141 наспроти 117-те на британецот, додека Фетел е трет со 96 бода.
Кај конструкторите води Мерцедес со 258 бодови, пред Ферари со 177.
Следната трка во Формула 1 се вози на 3.јули за Големата награда на Австрија на патеката Шпилберг.