Боном сака реванш во Ровињ

Loading

Пол Боном влегува како лидер со шест поени предност во третата трка од светското првенство Red Bull Air Race коешто ќе се одржи во Ровињ, Хрватска на 31 мај.

Тој има зад себе две тешко изборени победи во првите две трки од 2015 година, возени во Абу Даби и Јапонија. Сепак, британскиот ас не сака да покаже преголема самоувереност бидејќи знае од минатото дека сешто може да се случи во најбрзото светско мотоспорт натпреварување.

red bull race 1

Боном ќе бара реванш на трката во Ровињ, по ланската победа на Австриецот Ханс Арх, кога беше скршен од поразително малата разлика од само 8 стоти делови од секундата: Арх победи со време од 59,012 секунди, додека Боном имаше резултат од 59,097 секунди.

Тој пораз во Ровињ минатата година воедно е и најтесната разлика во една победа на сите трки од светското првенство одржани досега, а кај Боном се рефлектираше на тој начин што во следните пет трки само еднаш се искачи на подиумот, поради што заврши како третопласиран на табелата за минатата година.

Во пресрет на третата трка оваа сезона, Боном води во светското првенство со 24 поени, пред австралискиот пилот Мат Хол кој има осумнаесет поени. Другите учесници се блиску зад нив, вклучувајќи го и актуелниот шампион Хајџел Лемб кој има осум поени, по кој следуваат Германецот Матијас Долдерер со 7 поени, Канаѓанецот Пит Меклиод со 7 поени, Французинот Николас Иваноф со 6 поени, Австриецот Ханс Арх со 5 поени, како и Јапонецот Јошихиде Муроја кој има само 4 поени, но е во голем подем.

До крајот на сезоната има уште шест трки, а на претстојната во Хрватска се очекува Долдерер и Арх да имаат голем број навивачи кои ќе дојдат да ги бодрат од блиските земји Австрија и Германија.

Боном има 17 победи во кариерата, но досега не успеал да победи на три трки една по друга во иста сезона. Тој ќе се обиде да го изедначи рекордот којшто го постави двократниот првак, Американецот Мајк Манголд на крајот од 2005 година, но со осум пилоти коишто имаат резултати во иста секунда конкуренцијата беше драстично зголемена на последната трка во Чиба, Јапонија.

Тимот на Боном знае дека им претстои голем предизвик на патеката поставена над водите на Јадранското море, мошне блиску до брегот на величествениот хрватски град Ровињ.

red bul race

– Најразумно нешто во овој момент е да се игнорира сè што се случи претходно во оваа сезона, а трката во Хрватска да се третира како да е прва во првенството, – рече Боном. – Секогаш постои ризик да те опие славата, но нам не смее да ни се случи тоа бидејќи конкуренцијата е многу цврста.

За разлика од минатите години кога имаше само двајца или тројца пилоти кои се бореа за победа во трката, како и за титулата на крајот од сезоната, бројката оваа година е многу поголема и дури осум од четиринаесет пилоти летаат доволно брзо за да можат да победат во трката.

Јапонецот Муроја постави рекорд на патеката при својот лет во Чиба, но беше дисквалификуван. Лемб, Арх, Иванов и Меклиод лани освоија победа и би можеле да му направат проблеми на Боном во Ровињ, при што Хол е во голем подем со две втори места оваа сезона. Покрај нив шанса за победа во Хрватска, иако досега немаат освоено трка во кариерата, имаат Долдерер и Муроја.

Табела:

1. Пол Боном (Велика Британија) 24 поени,
2. Мат Хол (Австралија) 18 поени,
3. Хајџел Лемб (Велика Британија) 8 поени,
4. Матијас Долдерер (Германија) 7 поени,
5. Пит Меклиод (Канада) 7 поени,
6. Николас Иваноф (Франција) 6 поени,
7. Ханс Арх (Австрија) 5 поени,
8. Јошихиде Муроја (Јапонија) 4 поени,
9. Мајкл Гулијан (САД) 3 поени,
10. Петер Бешењи (Унгарија) 2 поени,
11. Кирби Чемблис (САД) 2 поени,
12. Хуан Веларде (Шпанија) 0 поени,
13. Мартин Сонка (Чешка) 0 поени и
14. Франсоа Ле Вот (Франција) 0 поени.