АЛАРМ во РФМ – Се откажа Чешка, Македонија оди на СП во ракомет ЕГИПЕТ 2021!

Loading

Како викаат, кој чека ќе дочека… Македонската ракометна репрезентација го доби долго очекуваниот повик од ЕХФ за настап на СП 2021 во ракомет што од утре започнува во Египет.

Македонија ќе игра на местото на Чешка која денеска го откажа настапот поради преголем број на играчи позитивни на коронавирус.

„По задолжителното тестирање за ковид-19 пред заминувањето за Египет, репрезентацијата на Чешка официјално го откажа својот настап на 27-то Светско првенство, што од 13 до 31 јануари ќе се одржи во Египет. Во согласност со Ковид-19 протоколот и пропозициите, првата резерва – Северна Македонија – доби покана за настап“, објави ИХФ.

Членовите на македонската ракометна репрезентација, во меѓувреме, беа тестирани на коронавирус во Скопје и сите имаат негативен резултат.

Првиот натпревар нашата репрезентација ќе го игра в четврток, а противник ни е Шведска, а ќе играме во групата Г заедно уште и со домаќинот Египет и спаринг партнерот Чиле.