Познати се и официјалните листи на учесници во саботната програма на претстојниот Ол стар викенд која одново, како и минатата година, ветува прилично интересна вечер, овој пат во Торонто.
Стеф Кари ќе ја брани титулата на најдобар „тројкаш“, Зек Лавин таа за најдобар забивач, а Патрик Беверли ќе се обиде пак да слави во „Скилс челенџ“ од кој оваа година нема да бидат дел само бековите.
НБА лигата ги објави и имињата кои ќе ги гледаме во Торонто, листи на кои има повеќе познати имиња што само по себе ветува интересна ол стар сабота.
Кари минатата година постави нов ол стар рекорд со своите 27 поени вклучувајќи ги и 13-те погодени тројки во низа во финалето, а оваа сезона тој пак е лидер во лигата според бројот на постигнати тројки, а негови ривали ќе бидат соиграчот Клеј Томпсон, претставникот на домашните Репторси, Кајл Лаури, Џејмс Харден од Хјустон, Крис Бош од Мајами, Џеј-Џеј Редик од Клиперс, Крис Мидлтон од Милвоки и рукито на Феникс, Девин Букер.
Зек Лавин титулата ќе ја брани во помалку звучна конкуренција составена од Андре Драмонд од Детроит, Вил Бартон од Денвер и Арон Гордон од Орландо.
Конкуренција во која бекот на Вулфси ќе се обиде да стане четвртиот играч со две титули во низа покрај Мајкл Џордан, Нејт Робинсон и Џејсон Ричардсон.
Плејот на Хјустон, Патрик Беверли во Торонто ќе се обиде пак да слави во „Скилс челенџ“ во кој покрај Џордан Кларксон од Лејкерси, Си-Џеј Меколум од Портланд и Ајзеа Томас од Бостон ривали, за прв пат во овој евент, ќе му бидат високите момци Демаркус Казнс од Сакраменто, Дрејмонд Грин од Голден Стејт, Ентони Дејвис од Њу Орлеанс и првиот пик од последниот драфт, Карл-Ентони Таунс од Минесота.
Ол старот во Торонто стартува за два дена и ќе трае до недела спрема понеделник за кога е закажан натпреварот на најголемите ѕвезди во НБА лигата дуелот помеѓу Истокот и Западот.