На патеката Матка, викендов ќе се одржи традиционалниот ИКАС 2016

Loading

На патеката „Матка“ крај Скопје претстојниот викенд ќе се одржи традиционалната спортска манифестација Илинденски кајак слалом – ИКАС.

ams ikas 1

Годинава покрај натпреварите во слалом, првпат ќе има и трки во кајак спуст, кои ќе се бодуваат во рамки на Европскиот куп.

,,Република Македонија и градот Скопје викендот ќе бидат во центарот на кајак спортот. ИКАС од година во година го подигнува своето реноме и станува се привлечен за се поголем број европски кајакари.

,,Во таа насока АМС дава финансиска и логистичка поддршка на манифестацијата. Да се организара ваков настан е огромна чест, но и обврска и поради тоа ќе сториме се да помине во најдобар ред.

,,Од својот буџет годинава АМС издвои 600 илјади денари. Кајакот две децении во континуитет ни носи олимписки настапи и учества на големите натпреварувања, изјави директорот на АМС, Марјан Спасески.

Организаторот, Кајакарската федерација на Македонија очекува околу 150 натпреварувачи од 14 држави. Од Mакедонија ќе настапат 30-ина кајакари во двете дисциплини.

ams ikas

,,Спустот ќе се бодува за европската ранг листа. Покрај на Матка ќе има уште две такви трки. Чест е да бидеме промотери на Европскиот куп, а сето тоа е во насока на добивањето на Европското првенство во кајак спуст за сениори следната година, информира спортскиот директор на федерацијата, Атанас Николовски.

Свеченото отворање на ИКАС 2016 е в петок во Музејот на македонската борба со почеток од 19 часот за кога покрај претставувањето на учесниците е предвиден и балетски перформанс и доделување на признанија за поранешни истакнати македонски кајакари.

Во сабота на програмата се квалификациските трки, а за в недела се закажани финалните трки.