И десеткуван Вардар нагости го победи Брест Мешков во СЕХА лигата!

Loading

Ракометниот клуб Вардар и со далеку ослабен состав стигна до победа на гостувањето кај Брест Мешков со 32-30 во рамките на СЕХА лигата.

rk vardar

Тренерот Гонзалес поштеди голем број од ракометарите, па така во Скопје останаа Штербик, Дибиров, Карачиќ, Македа, Брумен, Тоскиќ, Горбок и повредените Лазаров и Деревен, но и без нив вардарци се враќа со херојски извојувана победа.

Вардар првпат имаше +2 во шестата минута, кога беше 4-2, а потоа уште само пет пати зголеми на два позитива, пред Мешков Брест првпат да го преземе водството во 27. минута, кога Баранау погоди за 16-15.

Но Душебаев, Циндриќ и Манасков го вратија Вардар во водство, но за кратко бидејќи домаќините погодија за 18-18 во последната минута од полувремето.

Во второто полувреме на сцена стапија Циндриќ и Манасков како лидери на нападот, и по 40. минута, со серија од 3-0 Вардар стигна до водство од 24-21. Мешков се обиде да се врати, но набргу следуваше нова серија од три невозвратени гола за највисоки 28-24 во 49. минута.

Кога Циндриќ погоди за 31-29 во 58. минута, јасно беше дека Вардар ќе му се реваншира на Брест Мешков за поразот во СЦ Јане Сандански есеноска.

Па така со 44 бода Вардар го освои второто место на табелата во СЕХА лигата и само потврди дека на Ф4 турнирот во Вараждин борбата за пехарот ќе ја продолжи против третопласираниот Загреб.

Натпревар се игра в петок во 20:30 часот, а првото полуфинале го играат Веспрем и Брест Мешков од 18:00 часот.