Дефанзивецот на Борусија Дортмунд Матс Хумелс од следната сезона ќе го носи дресот на ривалот Баерн Минхен.
„Милионерите“ уште пред 10 дена изјавија дека Хумелс ги известил за желбата ова лето да замине од Сигнал Идуна Парк и да се врати во Баерн Минхен, каде и ја започна кариерата.
Двата клуба пронајдоа заеднички јазик, и дефанзивецот по крајот на сезоната ќе се пресели на Алианц Арена.
Откако Матс Хумелс ќе ги мине редовните лекарски прегледи ќе стави потпис на 5 годишен договор и ќе остане во Баерн до 30. јуни 2021 година.
Двата клуба не откриваат детали од зделката, но се верува дека за услугите на Матс Хумелс, Баерн ќе плати помеѓу 35 и 38 милиони евра.
Освен Хумелс, Баерн Минхен, претходно го договори трансферот на суперталентот на Бенфика, Ренато Санчез, а истиот беше потврден преку официјалната веб-страница на баварскиот гигант и претставува огромно изненадување, ако се знае дека младиот Ренато требаше да биде главното засилување на Жозе Мурињо во Манчестер Јунајтед за следната сезона.
Германските медиуми тврдат дека станува збор за трансфер вреден 35 милиони евра, плус дополнителни 15 милиони што баварскиот гигант би ги платил преку неколку различни клаузули.
Санчез е фудбалер за врска и сигурно ќе биде супер засилување за тимот на Карло Анчелоти.